недеља, 28. октобар 2012.

ПОЖАРАНСКОТО  РОДОВСКО  СТЕБЛО

Секогаш нешто топло ми се случува околу срцето кога ќе дојдам и прошетам низ село Пожаране- местото на моите предци: дедо и баба, мајка и татко, местото каде што сум се родил јас и каде  поминав голем дел од детството ... 
Нешто чудно и мистично постојано и со сета почит те враќа на местото на твоето потекло и раѓање бидејќи привилегија е да знаеш каде точно си се родил ... привилегија е да те препознаваат луѓето додека шеташ по некој од селските сокаци ,  да си го сакаш својот род и минато и да пиеш вода од прастарата чешма, честејќи ја својата душа со истата вода која првпат во животот си ја вкусил ... привилегија е сето сечавање на детството поминато околу овие камења кои на други луѓе им значат само историја и уметност, додека на тебе ти значат дел од твојата лична меморија
Но дали некогаш сте се запрашале за вашето потекло? Дали има потреба да ја знаете историјата на селото од кое потекнуваат Вашите корени, кои предци ги создале предците на оние кои им биле предци на Вашето семејство? Од каде се доселиле во селото, каде порано живееле, која црковна слава ја славеле, каде се исселиле и каде сеуште низ светот можат да се најдат нивни корени?
Некој можеби ќе каже дека е доволно  да се знаат родители, баба и дедо, прабаба и прадедо и така натака до уште некое колено наназад а останатото е неважно. Но верувам дека на многумина од нас мошне значајно и интересно е минатото на ова село како и приказот за семејното стебло и корените се со цел ова стебло засекогаш да не остане поткастрено, без сите свои гранки и корени.

Токму и замислата на овој труд е на помладата генерација пожаранци да им оставам некаква трага која говори за историјата на село Пожаране. Успеав да пронајдам податоци кои датираат од најстарите времиња иако сум свесен дека со нив ни оддалеку не е исцрпена историјата на ова село. 
Но, истовремено отворен повик, а се надевам и поттик за моите сограѓани да продолжат со барање на вистината за своето потекло што ќе придонесе да се создаде поточна и појасна претстава за минатото, сегашноста и иднината на село Пожаране.

Во целиот овој труд могу ми помогна мојот драг пријател, кој воедно е и коавтор на текстот, и кој ме хранеше со веродостојни историски податоци кој што ќе ги презентирам тука.

Пожаране е едно од поголемите села во Горни Полог.  Истото е длабоко сместено  на терасесто земјиште од падините на Шар Планина ,  со надморска висина од околу 900 метри. Низ историските записи се третира како старо село . Некогаш атарот на ова село се ширел многу далеку од селската населба и стигал се до котлинското дно на Полог. На една своја страна ова село некогаш граничело со селото Теново кое лежи покрај реката Вардар.

Во пишаните историски извори, Пожаране за прв пат се споменува 1461 -1462 година. Тогаш во вакуфот на Мехмед –Бег се споменува „пат кој води до пожаранските воденици“, „пат кој води од Калиште до Пожаране“, пожарански лозја, „пат кој води од Пожаране до разрушената кула“, пожарански шуми, нивата Брајанова, Здравева и Горјанова.
Постојат и други пишани извои за Пожаране. Тие датираат од 1470 година и зачувани се во ваковската џамија на Кјебир Мехмед Челеби, син на Гази-Бег Исаковиќ во Скопје. Тогаш Кјебир Мехмед на своите синови им ги дал во вакуф трите села во тетовската кааза кој ги добил по пат на наследство од неговата мајка. Тоа биле селата: Галате, Пожаране и Прошовце. 
При одредувањето на границите на овие села, се наведуваат местата: „Долг Камен“ и „Будини Ливади“. Овие места и денес постојат во атарот на село Пожаране. Завештувањето на Кјебир Мехмед Челеби од 15 век било во правна сила се до 1912 година. Споменатата година селани од Пожаране за последен пат дале 10% од своите производи на некој си Нури-Бег од Скопје. Тој ова го трошел за издршка на едно скопско муслиманско светилиште наменето за богослужба. 

За Пожаране постојат пишани записи и од 1595-1868 година во кои се наведува дека селото било чисто православно со околу 60 домови. Црквата била изградена во 1912 година и била посветена на „Св.Никола“. Пред тоа на истото место постоел помал храм. Подолу од селото се наоѓа капела „Св.Илија“, која е наречена Илиница. Во 1900 година Пожаране имало 106 куќи., со 830 жители од кои 720 биле православни и 110 муслимански“
Тогаш Пожаране во најголемиот дел било населено со православни Македонци. Имало и нешто муслимани кои зборувале албански. Тие потекнувале од поисламизирани Македонци и од прави Албанци.

Во користените историски записи покрај другото се наведуваат и топографски називи за потесниот атар на селото: Свирчејци, Топличка Корија, Градиште, Коштањишта, Клуч, Девич, Долг Камен, Калишка Корија, Кали Поле, Соколец, Будимоо, Будимови Ливади, Раулки, Балабаница, Ракоец, Сама Бука, Пољанки, Стрга, Бела Земја, Ѓоклеме, Река, Прошовска Корија, Мургоец, Млаче, Локва, Стара Корија, Шавар, Релеец, Дробеш, Куќариште, Долга Ливада, Јуришки Гробишта.

Пожаране е преставено како село од збиен тип. „Куќите биле поредени во пет маала кои се викале: Долно, Јанкоско, Волческо, Џолеско и Будеско маало. Само во последмното маало живееле муслимани, додека останатите маала биле со македоско население. Во  1947 година Пожаране броело 22 рода  со 97 домови
Православни македонски родови биле: -Томевци- кои ја славеле селската слава Спасовден. Од овој род исселни семејства има  во Челопеке, Тетово, Скопје и Свилајнац.  -Јанковци- кои ја славеле селската слава Св.Никола. Од овој род исселени семејства има  воТетово, Белград и Букурешт. -Јановци- кои ја славеле селската слава Митровден. Од овој род исселени семејства има  во Тетово, Румунија и Америка.
 -Ивановци- кои ја славеле селската слава Петковден. Овој род имал исселени семејства во Тетово, Скопје и Бугарија. 
-Бушевци- куќна слава Св.Никола и Спасовден. Од овој род исселени семејства има  во Тетово, и Букурешт. 
-Милчевци- куќна слава Варвара. Од овој род исселени семејства има  во Тетово, и Русија. 
-Бучковци- куќна слава Св.Ѓорѓија. За овој род –на кој припаѓа и авторот на овој текст, постои запис дека потекнува од областа  Радомир-Албанија. Од овој род исселени семејства има  во Галате, Тетово, Скопје и Белград. 
-Бозовци-куќна слава Св.Никола. Потекнува од селото Шуљ-Љума-Албанија. Според преданието таму биле три брата од кои еден бил по име Џико. Поради крвна одмазда, да не бидат убиени, браќата во Албанија привидно се потурчиле и на тој начин дошле во соседното село Прошовце, каде продолжиле да живеат како православни. Подоцна, пред околу сто години дошле во Пожаране. Се споменува името на Мицо, кој бил роден во Прошовце, потоа Никола и Јован. Во Пожаране една гранка од Шутевци повторно го превзела исламот (Џикови потомци) а подоцна се нарекувани Исмаиловци. Шутевци имале исселени семејства во Скопје и Неготинска Краина. 
-Ремедовци- куќна слава Митровден. Овој род потекнува од калајџии кои од непознато место се населиле во Пожаране.
-Чавдаровци- куќна слава Св.Никола. За овој род легендата зборува дека нивните предци биле „Куцовласи“ Во почетокот се занимавале со одгледување и чување на добиток по „Шар Планина“ а потоа пред 160 години  постојано се населиле во Пожартане. Се споменува името на Андон, Спиро, Дамјан. Од овој род исселени семејства има  во Здуње, Тетово, Скопје, Крагуевац, Бугарија и Румунија.
 -Болевци- куќна слава Петковден. Овој род потекнува од  Чаје или Радомир-Албанија. Во Пожаране дошле пред родот Шутевци и имаат свои семејства во Тетово, Скопје и Белград.
 -Волчевци- куќна слава Св.Никола. Овој род, на кој припаѓа коавторот на текстот и кој броел „шест куќи“, се доселил од соседното албанско село Прошовце, но има запис дека нивното потекло е од Чаје во Љума. Во Пожаране живееле од пред 150 години. Се споменува името на Јаков, Тофил, Смилко, Петре. Од Волчевци преку Пожаране овој род има свои семејства во Тумчевиште, Скопје и Румунија. 
-Бошковци- овој род е по потекло од Прошовце. Во Пожаране биле дојдени пред околу 80 години. Се споменува името на Јоше, Тодор, Никола, Анѓелко.. Оснивач на овој род бил Анѓелко кој работел како свештеник во село Прошовце. Имал свој брат по име Змејко. Легендата зборува дека „Змејко бил силен и јак како змеј“.На нивниот род албанците не смееле да напаѓаат. Еднаш кога Змејко бил на пазар во градот, албанците го нападнале Прошовце и ја заплениле стоката од родот на Змејко. Змејко со намера да ја поврати стоката започнал борба со албанците, во која и погинал. Кога роднините дознале за ова, сите се преселиле во село Пожаране. Овој род свои семејства има во Скопје, Неготинска Краина, Софија. 
-Коруновци- куќна слава Св.Никола. Овој род потекнува од Прошовце, која во времето на зулумите пребегнале во село Пожаране. Една гранка на овој род се преселила во Зубовце. 
-Степановци- куќна слава Св.Никла. Овој род потекнува од Прошовце, при што една гранка од родот подоцна се преселила во Галате и Скопје.
-Карлучовци-куќна слава Св.Никола. Овој род по потекло е од Галате, подоцна нивен предок најнапред преминал во тетовското село Желино, таму се презадолжил  поради што подоцна пребегал во Пожаране како домазет на родот Карлучевци. За овој род се наведува дека подоцна изумрел.
 -Печовци- куќна слава Варвара. По потекло овој род е од Пеќ, кој се наоѓа во околината на Пешкопеја-Албанија. Нивните стари кумови живееле во Г.Боновици-Атанасковци. Две семејства од овој род живееле во Тетово-се споменува името на учителот Тодор, и едно семејство во Белгард. 
-Смилковци- куќна слава Митровден. По потекло овој род е од соседното село Катрање.  Во Пожаране дошле во 1900 година. Од овој род исселени семејства има во Тетово, Куманово и Цариград. 
-Бироски- куќна слава Св.Никола. Овој род потекнува од албанското село Жеровјане. По едно семејство од овој род живее во Радијовце и Румунија.
Во основа, во село Пожаране селска слава била Спасовден. Оваа слава не ја славеле само оние родови кои се доселиле од соседното село Прошовце. Тие ја славеле нивната стара слава Св.Атанасија.
Поисламени  а потоа албанизирани жители од словенско потекло во ова село се споменуваат родовите:
-Исмаиловци- гранка на православниот род на Шутевци. Поранешно потекло на овој род е од Шуљ-Албанија. Родот го сочинувале три брата од кој еден се споменува како Џико. Овој род паднал на „крвната одмазда“ и со цел да ја избегнат осветата привидно се потурчиле. Подоцна се преселиле во Прошовце каде живееле како христијани, а  пред сто години се преселиле во Пожаране каде повторно преминале во  исламот. Исселени семејства на овој род има во Калиште и Гостивар. До скоро Исмаиловци зборувале на македонски јазик, во своите домови повикувале свештеник, во селската црква во Пожаране носеле зејтин и се колнеле во Христос и Богородица. Со православните Шутевци се почитувале како роднини ( се нарекувале братучеди).
 -Рамановци- по потекло овој род е од Албанија. Во Пожаране се доселиле во 19 век, бегајќи од крвна одмазда. Се споменува името на Саит,  Одо, Раман. Во Пожаране најнапред работеле како чувари на селото а подоцна купиле и своја земја.
Покрај погоре наведените родови, во користениот историски запис се споменува и:
 -Шерковци- како староседелци. Од овој род семејства има во Тетово, Светозарево и Беград. 
-Будевци-староседелци. Еден дел изумрел во Пожаране а помалиот дел се исселил од селото. По овој род се нарекува денешното Будеско Маало каде што живеат муслимани.
-Карлучовци-староседелци. Правиот род е изумрен, во Пожаране населени по основ на домазет. 
-Зогевци-староседелци. Исселени во околината на Нови Сад на планината Влајница. 
-Јоановци-живеат во Долна Бањица 
-Гавеви-живеат во Гостивар. 
-Абдиовци-во Пожаране дојдени од Албанија, од селото се исселиле во 1913 година. 
-Ајдарови-доселени од Албанија, исселени во село Долна Бањица.
За постанокот на село Пожаране, конкретни историски записи не постојат, но меѓу пожаранци и пошироко се прикажуваат повеќе легенди и преданија. 
Една од нив зборува дека во минатото кога господ-Бог со своите поданици минувал по овие предели на Полог, на секој од нив поединечно им определувал по едно место , со задача на истото да  формираат  населби за живеење на луѓето. Атарот на кој сега се протега село Пожаране го оставил за себе од каде најубаво можел да ги надгледува и контролира другите. Бидејќи еден од поданиците кој го придружувал господ-Бог останал нераспореден, и тој побарал да му биде доделен имот како и на останатите. Тогаш  местото кој што го чувал за себе, господ –Бог му го подарил на последниот поданик велејќи му дека тоа е негов ксмет но и задача истото да го преуреди во голема селска населба што и било сторено. Поради тоа, ова место во преданијата е познато уште и како „Господово Место“. 
За помладата генерација на селото, многу малку е познат историскиот факт дека мештаните од ова село уште од дамнешно време заминувале на печалба низ републиките на поранешна Југославија како и други земји на балканот: Румунија, Бугарија, Турција, Грција,  таму се стекнувале со напредни идени и сознанија за животот и истите подоцна  ги пренесувале во селото. Во таа смисла Пожаране е меѓу ретките села во Горни Полог кој во почетокот на 19 век има формирано свој тамбурашки оркестар.  Негов основач  бил  учителот Јозо кој ја испеал и првата песна посветена на селото под наслов „Прошетао сам се кроз пожаранске уске стазе“ како и надалеку познатата Благуњо дејче пожаранче“. Пожарански ентузијасти кои биле на печалба во Белград, далечната 1923 годиана формираат  фудбалски клуб на селото, надалеку познат како ФК-„ШАР“ –Пожаране. Првиот позначаен натпревар на овој клуб пожаранци го имаат одиграно со „БСК“-Београд, а на селскиот стадион во Пожаране, се споменува фудбалскиот натпревар со клубот на тогашните воени власти од Гостивар. 
Во периодот на двете светски војни или поточно 1929 година, село Пожаране егзистира како центар и општина на четири села со 116 куќи и 633 жители, за кое нешто покрај другото сведочи и металниот банкарски сеф кој до денес се наоѓа во просториите на задружниот дом на селото. 
И уште неколку историски податоци: 
Во ова село веднаш по ослободувањето, проработува рудникот за ископ на железна руда и килимарата, селото се вбројува меѓу првите  кои се електрифицирани, станува село со најголем број на просветни работници , има сопствена драмска секција со сопствен младински дом и сала за изведување на драмски претстави, гради сопствен водовод како и сопствен пристапен асвалтен пат до селото..  
За крај да не се заборави и податокот дека ова село во периодот 1941-1945 година има дадено свој значаен допринос во ослободувањето на земјата од окупаторот, земајќи активно и непосредно учество во НОБ со свои борци, за кое нешто сведочи  тешката мермерна плоча, која во спомен на истите е поставена на една од селските чешми на селото.
Драги мои  !
Нека содржината на овој блог преставува основа за негово натамошно проширување и надополнување со нови историски записи и содржини за селото. Со задовоство ќе ги прифатиме  и со крајна леснотија инкорпорираме во овој блог сите ново добиени од Вас историски податоци  за  Пожаране, се со единствена цел-како што веќе  напоменавме - да се  придонесе и  создаде поточна и појасна претстава за тоа: кое било, кое е,  па и кое може да биде и ќе биде селото Пожаране...
___________________________________ 
БОГЕ В. и СЛОБОДАН Т. - автори на текстот,

БЛОГОВИ ЗА СЕЛО ПОЖАРАНЕ:

http://pozaranskiterodovi.blogspot.com/
http://pozaranskicinar.blogspot.com/
http://pozarane.blogspot.com/
http://buckovci.blogspot.com/
http://pozaranskitevodopadi.blogspot.com/
http://pozaranevodenica.blogspot.com/
http://pozaranesokolec.blogspot.com/
http://pozaraneuciliste.blogspot.com/
http://pozaranskiprosvetiteli.blogspot.com/
http://dragevojnoski.blogspot.com/
http://pozaraneselo.blogspot.com/
http://pozaranedrama.blogspot.com/
http://pozaraneprikazna.blogspot.com/
http://pozaranezadruga.blogspot.com/
http://pozaranefudbal.blogspot.com/
http://pozaranelaga.blogspot.com/
http://pozaranepolitika.blogspot.com/
http://pozaranesvadba.blogspot.com/
http://pozaranepesna.blogspot.com/
http://pozaranefudbal.blogspot.com/
http://pozaranevodovod.blogspot.com/